1. Студирање
  2. Општи информации

Општи информации

Специјализации и супспецијализации за здравствени работници и здравствени соработници од областа на медицината

До 1991 година, постапката за одобрување на специјализација се поведуваше по барање на  здравствен работник, односно здравствен соработник преку здравствената организација до Републичкиот комитет за здравство и социјална политика. 

Започнувајќи од март 1991 година, постапката за одобрување на специјализациите и супспецијализациите на здравствените работници и здравствените соработници од областа на медицината се спроведува на Медицинскиот факултет во Скопје. 

Гранките за специјализација и супспецијализација на здравствените работници и здравствените соработници со високо образование од областа на медицината, времето на нивното траење, деловите на стажот на специјализациите (турнуси), плановите и програмите, како и начинот на спроведувањето на стажот, начинот на полагање на испитот ги определува Министерството за здравство со Правилник.

Согласно важечкиот Правилник за специјализациите и супспецијализациите на здравствените работници и здравствените соработници со високо образование од областа на медицината („Сл. весник на РСМ“ бр.120/20 и 144/21), здравствените работници имаат право да специјализираат на 49 гранки на специјализација, додека пак здравствените соработници на 5 различни гранки на специјализација. Здравствените работници од областа на медицината кои завршиле стаж на специјализација и положиле специјалистички испит имаат право да супспецијализираат на некоја од 47-те супспецијалности.

Специјализацијата и супспецијализацијата се спроведува преку теоретска настава и практична обука која се спроведува во одредено траење во соодветните високообразовни установи и акредитирани здравствени установи.

По совладувањето на планот и програмата за специјализација и супспецијализација специјализантот, односно супспецијализантот пред тричлена испитна комисија формирана од високообразовната установа, полага специјалистички, односно супспецијалистички испит по што се стекнува со звање специјалист, односно супспецијалист во соодветната гранка на специјализација, односно супспецијализација. 

Од 1991 година до денес, на Медицинскиот факултет во Скопје 4320 доктори на медицина се стекнале со звање специајлист, додека пак 766 доктори специјалисти се стекнале со звање супспецијалист. 

Втор циклус на магистерски двегодишни академиски студии од областа на јавно здравство

Двегодишните магистерски академиски студии од областа на јавното здравство за првпат се акредитирани на Медицинскиот факултет во Скопје во 2012 година, по што се реакредитирани во 2017 и 2023 година.

Студиската програма е во траење од 2 години (4 семестри) или 120 ЕКТС- кредити. Во првиот семестар, студентот е обврзан да ислуша и положи 5 задолжителни и 2 изборни предмети, во вториот семестар студентот има 6 задолжителни и 2 изборни предмети, додека пак во третиот семестар студентот слуша и полага 6 задолжителни и 1 изборен предмет. По положувањето на сите предмети, во четвртиот семестар студентот го изработува магистерски труд. Со одбраната на магистерскиот труд студентот се стекнува со звање Магистер по јавно здравство. 

Магистерските студии по јавно здравство се отворени како кон студентите на Медицинскиот факултет, Стоматолошкиот факултет, Фармацевтски факултет (регулирани професии) и сродните факултети (Ветеринарен), така и кон студентите со завршен прв циклус академски студии од високо образование на факултетите од општествени, технички, природни и биотехничи науки. Со тоа, магистерските студии по јавно здравје се мултидисциплинарни, целосно отворени и директно му служат на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј”, согласно принципите на интегриран универзитет. 

Од 2012 година до денес, на Медицинскиот факултет во Скопје на оваа студиска програма се запишани 327 студенти, од кои 133 се стекнале со стручен назив Магистер по јавно здравство.

Втор циклус едногодишни стручни специјалистички студии

На Медицинскиот факултет во Скопје се акредитирани 6 студиски програми на втор циклус едногодишни стручни специјалистички студии, и тоа:  

  1. Клиничка логопедија
  2. Физиотерапија во ортопедија и хирургија  
  3. Физиотерапија по неврологија 
  4. Медицинска сестра/техничар – специјалист за интензивна здравствена нега
  5. Медицинска сестра/техничар – специјалист по анестезија со реанимација
  6. Инструментар/ка

Едногодишните стручни специјалистички студии по Клиничка логопедија за првпат се акредитирани на Медицинскиот факултет во Скопје во 2013 година, по што се реакредитирани во 2019 и 2024 година. 

Студиската програма е во времетраење од 1 година (2 семестри)  или 60 ЕКТС- кредити. Во првиот и вториот семестар, студентот слуша и полага по 6 задолжителни и 2 изборни предмети, по што се стекнува со право за полагање на специјалистички испит. По успешно положениот специјалистички испит, студентот се стекнува со стручен назив Специјалист-клинички логопед. 

На оваа студиска програма имаат право да се запишат студенти со завршен прв циклус тригодишни стручни студии за дипломиран логопед. Целта на оваа студиска програма е задоволување на континуираните потреби од високо едуцирани логопеди, како здравствени работници кои своето професионално место ќе го најдат во здравствени установи за детекција и дијагноза, како и за третман на болести. 

Од 2013 година до денес, на Медицинскиот факултет во Скопје на оваа студиска програма се запишани 196 студенти, од кои 180 се стекнале со стручен назив Специјалист-клинички логопед. 

  1. Втор циклус едногодишни стручни специјалистички студии за Физиотерапија во ортопедија и хирургија  

Едногодишните стручни специјалистички студии по Физиотерапија во ортопедија и хирургија  за првпат се акредитирани на Медицинскиот факултет во Скопје во 2018 година, по што се ре-акредитирани во 2023 година.

Студиската програма е во времетраење од 1 година (2 семестри)  или 60 ЕКТС-кредити. Во првиот семестар, студентот слуша и полага 3 задолжителни и 2 изборни предмети, додека пак во вториот семестар 1 задолжителен и 2 изборни предмети по што се стекнува со право за полагање на специјалистички испит. По успешно положениот специјалистички испит, студентот се стекнува со стручен назив Специјалист- физиотерапевт во ортопедија и хирургија.

На оваа студиска програма имаат право да се запишат студенти со завршен прв циклус тригодишни стручни студии за дипломиран физиотерапевт. Наставниот план на студиската програма е конципиран во склад со современите потреби на медицинската струка и наука, со цел формирање на стручни кадри кои покрај своето теоретско знаење, располагаат со широка палета на усвоени практични вештини, применливи во процесот на рехабилитација на пациентите, особено хируршките пациенти.

Од 2018 година до денес, на Медицинскиот факултет во Скопје на оваа студиска програма се запишани 52 студенти, од кои 42 се стекнале со стручен назив Специјалист-физиотерапевт во ортопедија и хирургија. 

  1. Втор циклус едногодишни стручни специјалистички студии за Физиотерапија по неврологија  

Едногодишните стручни специјалистички студии за Физиотерапија по неврологија  за првпат се акредитирани на Медицинскиот факултет во Скопје во 2018 година, по што се реакредитирани во 2023 година.

Студиската програма е во времетраење од 1 година (2 семестри)  или 60 ЕКТС- кредити. Во првиот семестар, студентот слуша и полага 4 задолжителни и 1 изборен предмет, додека пак во вториот семестар 1 задолжителен и 2 изборни предмети по што се стекнува со право за полагање на специјалистички испит. По успешно положениот специјалистички испит, студентот се стекнува со стручен назив Специјалист- физиотерапевт по неврологија.

На оваа студиска програма имаат право да се запишат студенти со завршен прв циклус тригодишни стручни студии за дипломиран физиотерапевт. Основната цел на студиската програма е да се прошират знаењата и вештините на дипломираните физиотерапевти во областа на рехабилитацијата на пациенти со невролошки заболувања.

Од 2018 година до денес, на Медицинскиот факултет во Скопје на оваа студиска програма се запишани 4 студенти, од кои 3 се стекнале со стручен назив Специјалист-физиотерапевт по неврологија. 

  1. Втор циклус едногодишни стручни специјалистички студии за Медицинска сестра/техничар – специјалист за интензивна здравствена нега

Едногодишните стручни специјалистички за медицинска сестра/техничар – специјалист за интензивна здравствена нега  за првпат се акредитирани на Медицинскиот факултет во Скопје во учебната 2023/2024 година.

Студиската програма е во времетраење од 1 година (2 семестри)  или 60 ЕКТС- кредити. Во првиот и вториот семестар, студентот слуша и полага по 6 задолжителни и 2 изборни предмети, по што се стекнува со право за полагање на специјалистички испит. По успешно положениот специјалистички испит, студентот се стекнува со стручен назив Медицинска сестра/техничар – специјалист за интензивна здравствена нега.

На оваа студиска програма имаат право да се запишат студенти со завршен прв циклус лице кое завршило прв циклус тригодишни стручни студии за дипломирана медицинска сестра/медицински техничар. Целта, преку оваа студиска програма, е да се одговори на потребите за едукација на медицинските сестри/техничари од потесната област за работа во единиците за интензивно лекување.

На Медицинскиот факултет во Скопје на оваа студиска програма се запишани 16 студенти, од кои 7 се стекнале со стручен назив Медицинска сестра/техничар – специјалист за интензивна здравствена нега. 

  1. Втор циклус едногодишни стручни специјалистички студии за Медицинска сестра/техничар – специјалист по анестезија со реанимација

Едногодишните стручни специјалистички студии за медицинска сестра/техничар – специјалист по анестезија со реанимација  за првпат се акредитирани на Медицинскиот факултет во Скопје во учебната 2023/2024 година

Студиската програма е во времетраење од 1 година (2 семестри)  или 60 ЕКТС- кредити. Во првиот и вториот семестар, студентот слуша и полага по 6 задолжителни и 2 изборни предмети, по што се стекнува со право за полагање на специјалистички испит. По успешно положениот специјалистички испит, студентот се стекнува со стручен назив Медицинска сестра/техничар – специјалист по анестезија со реанимација.

На оваа студиска програма имаат право да се запишат студенти со звршен прв циклус тригодишни стручни студии за дипломирана медицинска сестра/медицински техничар. Основна цел на оваа студиска програма е оспособување на студентите за низа генерички вештини и клинички компетенции, примена на научните и стручни достигнувања во клиничката пракса, вклучувајќи понатамошен професионален развој, во склад со принципите на добра научна и клиничка пракса.

На Медицинскиот факултет во Скопје на оваа студиска програма се запишани  7 студенти.

  1. Втор циклус едногодишни стручни специјалистички студии за Инструментар/ка

Едногодишните стручни специјалистички за Инструментар/ка  за првпат се акредитирани на Медицинскиот факултет во Скопје во учебната 2023/2024 година

Студиската програма е во времетраење од 1 година (2 семестри)  или 60 ЕКТС- кредити. Во текот на студиите, студентот слуша и полага 7 задолжителни и 2 изборни предмети, по што се стекнува со право за полагање на специјалистички испит. По успешно положениот специјалистички испит, студентот се стекнува со стручен назив Специјалист инструментар/ка.

На оваа студиска програма имаат право да се запишат студенти со завршен прв циклус тригодишни стручни студии за дипломирана медицинска сестра/медицински техничар. Целта, преку оваа студиска програма, е да се одговори на потребите за едукација на медицинските сестри/ техничари од потесната област за работа во хируршка сала.

На Медицинскиот факултет во Скопје на оваа студиска програма се запишани 5 студенти, од кои 2 се стекнале со стручен назив Специјалист инструментар/ка.

Трет циклус академски студии – докторски студии

Реформите во додипломската настава како резултат на услогласување со новиот Закон за високо образование („Сл. Весник на РМ“ бр.35/2008 и бр.103/2008), кои се засноваат и на вградувањето на препораките од Болоњската декларација, неминовно условиле и потреба од промени во последипломската настава, односно во третиот циклус на студии. Студиската програма по општа медицина на Медицинскиот факултет претставува интегриран прв и втор циклус на студии (360 кредити). Тоа им овозможува на студентите кои освоиле 360 кредити да продолжат понатаму на третиот циклус на студирање, со што се исклучува потребата од постоење на програма за магистерски студии. Бидејќи не постоела организирана програма за одвивање на трет циклус на студии (како што било случај со вториот циклус студии) се наметнала потреба од организирање на докторски студии во согласност со Европскиот кредит трансфер систем.

Заради тоа од учебната 2010/11 година на Медицинскиот факултет во Скопје се организираат и реализираат трет циклус академски студии – докторски студии преку 4 студиски програми по клиничка медицина, базична медицина, молекуларна медицина и јавно здравство во согласност со правилата на Европскиот кредит трансфер систем. Планот и програмата на докторските студии се спроведуваат низ дидактично учење и истражување, преку активна настава составена од:

  • организирана академска обука, која содржи обука за истражување, напредни и стручни курсеви (предмети за стекнување генерички знаења и предмети за академска обука за стекнување напредни и стручни знаења) што се вреднува со 42 ЕКТС-кредити;
  • независен истражувачки проект за изработка на докторски труд под менторство, што содржи истражувачка работа под менторство и поднесување на предлог-докторски проект за изработка на докторски труд, што се вреднува со 41 ЕКТС-кредит;
  • меѓународна мобилност, најмалку еднонеделен престој, 18 ЕКТС-кредити;
  • предавања и друг вид на комуникациски активности, што содржи учество на семинари и конференции, 18 ЕКТС-кредити;
  • објавување во референтни научни публикации и активно учество на меѓународни собири во врска со докторскиот труд-27 ЕКТС-кредити;
  • изработка и јавна одбрана на докторски труд врз основа на докторски проект-46 ЕКТС-кредити.

Со одбраната на докторскиот труд, студентот се стекнува со 180 ЕКТС-кредити и со научен назив: доктор на медицински науки/доктор на науки по јавно здравство/доктор на науки по медицинска физика. До сега на сите студиски програми се запишани 1040 студенти, од кои 354 студенти јавно го одбраниле својот докторски труд.

На Медицинскиот факултет во Скопје, се акредитирани 5 студиски програми за трет циклус академски студии – докторски студии:

  1. Клиничка медицина – реакредитирана 2021 година;
  2. Базична медицина – реакредитирана 2021 година;
  3. Молекуларна медицина – реакредитирана 2021 година;
  4.  Јавно здравство – реакредитирана 2021 година;
  5. Медицинска физика – акредитирана во 2023 година.
This site is registered on wpml.org as a development site. Switch to a production site key to remove this banner.